Штипка
Забавен портал...

Пијанистката Мимоза Ќека ќе одржи рецитал во Македонскиот културен центар (Gallery MC) во Њујорк

На 15 Јуни, среда, со почеток во 19 часот во Македонскиот културен центар (Gallery MC) во Њујорк, САД, ќе се одржи рецитал на пијанистката Мимоза Ќека. Рециталната програма со својот креативен и актуелен карактер, вклучува фундаментални дела за пијано од музиката на 18тиот, 20тиот и 21виот век, со дела од македонски современи композитори. Рециталната програма му овозможува на слушателот да го осознае стилот на компонирање на современите македонски композитори од втората половина на 20тиот век па сѐ до денес: Свитата за пијано соло оп. 27 од Томислав Зографски, објавена во 1960 година, како и Вечеринките врз теми од македонски народни песни за пијано оп. 52 од Димитрије Бужаровски објавени во 2004 година. Свитата е една од најизведуваните композиции од Томислав Зографски, а за неа добил прва награда на првиот конкурс за класична музика во 1960 година. Во однос на Вечеринките, овој циклус на композиции е напишан во музичката форма Ноктурно и обработуваат теми од македонски народни песни. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Пијанистката Мимоза Ќека, дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, магистрира под менторство на проф. Лилија Зилберштајн, а на 26 годишна возраст се стекнува со титулата Доктор по музичка уметност. Во 2022 година таа го објавува албумот NON-FUNGIBLE, како и книгата ,,Употребата на дигиталните технологии во квантитативната анализа на пијанистичката интерпретација”. Мимоза Ќека настапува во рамки на фестивалите Златна лира, Есенски музички свечености, Денови на македонска музика, Musica Viva, Нов културен бран, Festival international de piano Jeunes Talents во Монтрон-ле-Бен, Франција,  Фестивалот на класична музика во Сиена, Италија, Фестивалот на Франкофонијата Солеј во Созопол, Бугарија, на Интернационалниот Фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија, на Les dimanches musicaux во Париз, Франција, во рамки на пролетната концертна сезона 2019 на Bristol Music Club во Бристол, Обединето Кралство. Автор и учесник е на повеќе проекти- Хуманитарен пијано дуо концерт за СОС Детско Село Есенска Бајка, Новогодишен пијано дуо концерт Празнична Рапсодија бр. 1 и бр. 2,  Концертна турнеја Пијанистички звуци во Париз и Рим. Во 2019 година е избрана да учествува во TEME Project (Transnational European Music Entrepreneur), како еден од десетте учесници од цела Европа, проект поддржан од Европската комисија, дел од програмата на Европската Унија – Music Moves Europe.

Коментари
Loading...